Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција информира дека Владата усвоилна нов концепт на даночна реформа, според кој не се предвидуваат нови даноци или нивно зголемување, односно данокот на личен доход останува со една стапка од 10% и се укинува прогресивното оданочување, кое требаше да стапи на сила на 1-ви јанури 2023 година.
-Данокот на добивка останува 10% и не се зголемува. Данокот на додадена вредност останува 18% и исто така не се предвидува зголемување. Исто така каматите на депозитите и штедните влогови нема да се оданочуваат, потенцира Ковачевски.
-Ова значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија. Крајниот резултат ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспарентно управување со јавните финансии, што е особено важен услов за справување со оваа криза, појасни премиерот.
Во однос на хонорарците, тој рече дека тие ќе имаат можност доброволно да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Притоа, ќе има посебна платформа, затоа што тие немаат постојани вработувања.