Владата го усвои предлогот за разрешување на Коцевски

Според Владата, постапките на Коцевски довеле до нарушен институционален интегритет и нефункционалност на обвинителството, што е спротивно на уставните и законските обврски на државниот обвинител

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Владата на вчерашната седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и го достави до Собранието. Портпаролката Марија Митева соопшти дека постапката е продолжена по завршување на изборниот период, кога била привремено стопирана.

Според образложението, иницијативата се темели на сериозни професионални пропусти во работењето на Коцевски, меѓу кои неовластено откривање информации од судски предмети, нарушување на тајноста на постапките и нарушување на угледот и функционалноста на Јавното обвинителство.

Митева нагласи дека Владата делува во насока на зајакнување на правната држава и обезбедување ефикасно функционирање на органите на прогон. Таа посочи дека предлогот е поднесен врз основа на Законот за Јавно обвинителство и по претходно мислење од Советот на јавни обвинители.

Според Владата, постапките на Коцевски довеле до нарушен институционален интегритет и нефункционалност на обвинителството, што е спротивно на уставните и законските обврски на државниот обвинител.

Предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата, рече, е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители.

-Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, кажа Митева.