Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
-Со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет, информираат од Владата.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
Од владината прес-служба посочија дека Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат и дека усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото.
Со новиот закон се воведува и градација на дисциплински постапки од лесен до најтежок вид при што само оние од најтежок степен ќе значат основ за разрешување. Првостепените ќе се одвиваат пред комисија, второстепените пред советот и ќе бидат јавно објавувани. Исто така разрешувањето на претседателот со гласање на минимум шест.
Ресорното Министерство за правда очекува во следниот период на дневен ред во Владата да се најде и Законот за Совет на јавните обвинители. Во однос на финансиите се воведува и нов механизам за обезбедување на исплатата на 0,4 проценти од буџетот. Во реформскиот сет закони од ресорното министерство ги најавуваат и Законот за пробација, за извршување на санкциите и за здруженија со кои се предвидени клучни измени.