Владата и банките ги договорија условите за користење на средствата од унгарскиот кредит

од Nikola Popovski
31 прегледи

Владата и банките постигнаа договор за условите за користење на кредитната линија од унгарскиот кредит. Бизнисот ќе ги добие парите по фиксна каматна стапка која изнесува 1,95 проценти без надомест за одобрување и управување и рок на отплата од 15 години со 3 години грејс период.

Исто така предвидено е сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата.

Средствата за компаниите ќе бидат достапни наскоро рекоа од Владата од каде очекуваат дека со оваа мерка ќе се постигне раст на БДП.

Парите од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на производство и истите ќе можат да се користат за инвестиции во опрема и машини.

Опозицијата во изминатиот период и забележуваше на власта дека нема јасни критериуми за тоа како ќе се распределат позајмените пари, ниту јасно утврден систем за контрола за трошењето на парите, но и прашуваше која ќе биде политичката цена што ќе ја плати државата.

Северна Македонија се задолжи за 500 милиони евра од Унгарија. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.

Тие 250 милиони евра преку Македонската инвестициска банка ќе се пренесат во комерцијалните банки каде што фирмите ќе аплицираат за кредити.

Слични содржини