Без одговор од Владата и Министерството за транспорт и врски на обвинувањата на кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски дека го блокираат влезот на странската компанија „Лидл“.
Редакцијата на „Локално“ испрати прашања до „Илинденска бр. 2“ и МТВ за тоа како реагираат на денешната изјава на Димитриевски и дали има вистина во неговите тврдења, но до моментот на објавување на текстот не добивме одговор.
Претходно градоначалникот на општина Куманово во емисијата „Студио 10“ порача дека влезот на „Лидл“ е блокиран од државната власт.
-Инвестицијата е блокирана, а всушност еве сега за таа работа да го прашате Ковачевски, самиот не знае. Во моментот го блокираше министерство за транспорт и врски и времето ќе покаже кој стои позади оваа одлука. Зошто не дозволуваат да се вцрта и да се измени моменталниот урбанистичкиот план, да се спојат маркиците каде што ќе се дозволи на инвеститорот да гради еден голем објект со инвестиција од над 80 милиони евра? Зошто тоа се прави?, праша Димитриевски, потенцирајќи дека позади блокадата на оваа странска инвестиција во Куманово стојат намерите ова земјиште да се купи по принцип како во минатото за евро и пол, а потоа да се препродава на трети лица кои ќе инвестираат во индустриската зона.
Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи лани во октомври месец, остварија работна средба со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“ – како од Националниот тим, така и со претставници на Меѓународниот управен одбор.
Тогаш беше објавено „Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 метри квадртни и се наоѓа во Општина Куманово. Инвестицијата само во логистичкиот центар би изнесувала околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања.