Денешната средба на претставниците на индустријата за организација на свадби и други семејни прослави со вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи и директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски заврши без успех. Во најскоро време тие ќе треба да достават нов предлог на протоколи по кој Комисијата за заразни болести ќе треба да одлучува.
На последниот протест угостителите во разговорот со Битиќи посочија дека помошта што ја добиваат од државата не е доволна и дека бараат да им се дозволи работа по протоколи на а-ла-карт рестораните, бидејќи сметаат дека објектите се доволно безбедни за да почнат со работа.
Битиќи, од своја страна, истакна дека мутацијата на британскиот сој на коронавирусот и бројките на заболени лица од Ковид-19, во моментов не дозволуваат олабавување на мерките, а главниот збор за тоа го имаат медицинските лица и се зависи од одлуката на Комисијата за заразни болести.
– Жалам што сте доведени во ситуација да протестирате, но сметам дека сите заедно сме доволно разумни да разбереме дека се бориме против непознат непријател, кој што за тие што не го прележале се надевам дека никогаш нема да го прележат, а тие што се заразиле се надевам дека лесно го пребродиле, истакна Битиќи.
Угостителите и организаторите на свадби изминативе денови организираа два протести, при што ги блокираа булеварот „Александар Македонски“, улицата „16-та Македонска бригада“ и улицата „Интернационални бригади“ со барање да се овозможи соодветен протокол за работа.