Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, денеска беше домаќин на состанокот со претставници од Амбасадата на САД и претставници од Естонскиот центар за источно партнерство.
На оваа средба беше потврден грантот што Владата на Република Северна Македонија ќе го добие од овие 2 институции во износ од 350.000 американски долари за реализација на активности за менторство и помош во имплементацијата на електронските услуги на јавните институции во Северна Македонија во следните 18 месеци.
Министерот Шаќири на средбата истакна дека Министерството целосно е посветено на функционирање на дигитализацијата. Според него, и покрај сопствените буџетски средства, се прави сѐ за да се анимираат и привлечат сите страни и партнери што се подготвени да помогнат на патот кон зголемување на транспарентноста на институциите, олеснување на процедурите и услугите преку електронските услуги, подобрување на демократијата во државата и унапредување на дигиталните вештини на јавната администрација.
Министерот Шаќири на средбата изрази благодарност до Амбасадата на САД за континуираната поддршка што му ја даваат на Министерството.