Владата ќе биде во оставка од четврток во 10 часот

од Nikola Popovski
333 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека во четврток, во 10 часот наутро, ќе поднесе оставка со цел да се формира техничката влада за подготовка и спроведување на двојните избори во април и мај.

„Во четврток ќе поднесам оставка. Тоа ќе значи дека целата влада ќе поднесе оставка“, изјави Ковачевски пред новинарите на состанокот „Година на европските можности“ организиран од Владата.

Тој најави дека в недела ќе се избере техничката влада во која министри треба да има и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и ја повика таа партија која најави дека нејзините пратеници ќе гласаат воздржани, да гласаат за избор на техничката влада „со кои ќе ги спроведеме на демократските избори“.

„До недела има време сите да размислат и сите да гласаат за техничката влада. Не може некој да се однесува како 13-годишно дете, да вели: „Ќе номинирам министри, но нема да гласам“. Сите мора да бидат сериозни, никаде во светот нема да најдете пример да предлагате министри и да барате друг да гласа за нив“, рече Ковачевски.

Според законот, премиерот поднесува оставка 100 дена пред парламентарните избори за да формира техничка влада во која најголемата опозициска партија има двајца министри – за внатрешни работи и за труд и социјална политика и заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделството.

Двете најголеми партии од владината коалиција – СДСМ на Димитар Ковачевски и ДУИ на Али Ахмети, се договорија технички премиер да биде претседателот на Собранието, Талат Џафери од ДУИ, кој на тоа место ќе го замени пратеникот на СДСМ, Јован Митрески.

Според договорот на парламентарните партии, парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, среда, заедно со вториот круг од претседателските избори. Првиот круг од изборите за претседател ќе се одржи во среда на 24 април.

Слични содржини