Владата ќе финансира проекти во 77 општини – пари нема да добијат Град Скопје, Струмица, Сарај и Теарце

од Nikola Popovski
195 прегледи

Владата соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари или околу 65 милиони евра. Овие средства се обезбедени од земениот унгарски кредит.

Во ресорните министерства, фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај, велат од „Илинденска бр.2“.

-Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните, пишува во владиното соопштение.

Вкупно 80 општини со 357 проекти аплицирале на јавниот повик за финансирање капитални инфраструктурни проекти. Меѓу апликантите беше и Град Скопје со 20 проекти, вклучително и за набавка на 95 нови автобуси за јавниот превоз, откако градоначалничката Данела Арсовска не успеа да го убеди Советот да и даде поддршка.

За дел од општините клучна ќе биде изградба и обнова на болници, модернизација на училиштата, патната инфраструктура.

Во буџетот за оваа намена се предвидени 250 милиони евра, обезбедени со ребалансот.

Владата на претходниот премиер Димитар Ковачевски, кон крајот на минатата година, на 14 декември 2023 година донесе одлука за пренамена на буџетски пари во износ од две милијарди денари ( 32,5 милиони евра) за реализација на 66 проекти во 44 општини.

Освен Градот Скопје, пари од државната каса добија општините Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.

Според владината одлука парите требаше да бидат наменети за изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, потоа реализација на проекти од областа на инфраструктурата, како и од областа на заштита на животната средина со коишто се влијае на подобрување на здравјето на граѓаните, дел од нив се реализираат, но за дел од нив нема информации што се случува.

Слични содржини