По повод средбата на главниот преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бисљими и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, косовската влада соопшти дека Косово е посветено на целосна нормализација на односите со Србија и меѓусебно признавање.
Како што се наведува во соопштението на косовската влада, на средбата меѓу Бисљими и Лајчак биле разгледани сите аспекти поврзани со целосното спроведување на бриселскиот основен договор и Охридскиот анекс за имплементација, пренесува „Индекс онлајн“.
„Косово е посветено на целосна нормализација на односите со Србија и меѓусебно признавање“, се наведува во соопштението.
Лајчак синоќа по средбата со Бисљими изјави дека се договорени следните чекори.
Според медиумите, Лајчак, кој е во дводневна посета на Косово, денеска ќе се сретне со лидерите на опозициските партии, како и со претставниците на Српската листа.