Владата на Република Српска во четвртокот донесе одлука за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија во БиХ, на што американската страна веднаш одговори со порака дека тргнале по „опасен пат“.
Прекин на соработката со американските и британските дипломати во БиХ, претходно најави претседателот на РС, Милорад Додик, кој е под санкции на САД и Велика Британија од 2017 и 2022 година, откако Вашингтон и Лондон одлучија да го казнат поради сецесионистичката реторика и поткопување на Дејтонскиот договор и корупцијата.
Оттогаш Додик е во постојана вербална војна со дипломатските претставници на тие две влијателни западни земји, а сега ги наведе властите на РС да донесат одлука да ја прекинат комуникацијата со нив под обвинение за мешање во внатрешните работи на Босна и Херцеговина.
„Владата ќе ги информира надлежните органи на САД и Велика Британија за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Виенската конвенција за Дипломатски односи“, стои во соопштението објавено од ентитетската влада во четвртокот со образложение дека оваа одлука ги обврзува и политичарите од РС кои се функционери на државно ниво на БиХ.
Самиот Додик во посебна изјава ја поврза оваа одлука со помошта која Западот ѝ ја дава на Украина наспроти руската агресија, а особено беше бесен на најавата дека Велика Британија може да достави муниција со осиромашен ураниум на украинските бранители.
„Ова е нашиот однос кон оние злосторници кои се подготвени да користат осиромашен ураниум“, рече Додик, кој отворено заговара проруски позиции од почетокот на агресијата против Украина.
Амбасадата на САД реагираше на одлуката на властите на РС зад која стои Додик со објава на социјалните мрежи во која посочуваат дека тоа е уште еден опасен чекор на погрешен пат.
„Тоа е патот на изолација и автократско владеење“, му порачаа на Додик и додадоа дека тој очајнички се обидува да го одржи својот корумпиран режим.