Поранешната Влада на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година на денот на почетокот на предизборната кампања, на 21 ноември, ангажирала две странски компании специјализирани за односи со јавност и креирање стратегии, за чии услуги, согласно договореното исплатила вкупно 219 илјади евра. 
Нема детали и извештаи што сработиле, но парите се исплатени и тоа 73 илјади евра месечно.
Договорите до кои дојде МИА, поранешната влада ги склучувала со странски компании специјализирани за односи со јавност и стратешки планирања во текот на 2016 година.
Според евиденцијата, информација која кон крајот на септември ја објави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, поранешната влада под ставката за привлекување странски инвестиции за период од десет години потрошила над 130 милиони евра, во кои меѓу другото спаѓаат реклами во странски, но и во домашните медиуми.
Потрошени се и над 38 милиони евра буџетски пари во периодот од 2008 до 2015 година за кампањи. Но, во тој пакет профит оствариле и маргетинг агенции и некои истражувачки институти.
Двата договори, во кои МИА имаше увид, поранешната влада ги склучила во ноември 2016 година. Станува збор за компаниите Мерјкури Интернешнл УК лимитид и Флајшман Хилард.
Едната е со седиште во Лондон, а другата во Франкфурт.

Договорот со Мерјкури вредел 43 илјади евра месечно, а тој со Флајшман 30 илјади евра месечно. Согласно договорите Владата на двете фирми се согласила да им исплаќа 73 илјади евра месечно.
Договорите се склучени за период од три месеци, односно за услугите што ги добила поранешната влада за тој период исплатила 219 илјади евра.
Какви услуги владата добила за 219 илјади евра за три месеци?
Во договорите услугите на двете компании се идентични. Тие на владата и понудиле пренесување аргументи/пораки на највисоко ниво во носење одлуки и креатори на политики на РМ, организирање и спроведување политички настани на високо ниво во интерес на РМ, идентификација на соговорници и договарање состаноци со влијателни тинк-тенк и организации, учество на конференции, панел дискусии и други активности организирани од такви организации.
Поранешната Влада, според договорите, добила и подготовка на функционери на РМ за состаноци и настани преку идентификација на приоритетни полиња и теми на дискусии, присуство на претставници на државната власт на земјава и поврзани субјекти на реномирани јавни радиодифузери и електронски и печатени комуникациски формати, како и на влијателни веб страници и други социјални канали, како и присуство на релевантни теми за промоција на економските, безбедносните и слични достигнувања на РМ во истите формати.
Двата договора од македонска страна се потпишани од тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. На договорот со Меркјури, како претставник на компанијата потпис ставил Морис Л. Реид, а на тој со Флајшман Дирк Кригер.
МИА се обиде да стапи во контакт со Божиновски преку неговиот телефонски број, преку е-маил адресата на ВМРО-ДПМНЕ, како и преку директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, со цел да добие појаснување за видот на услугите кои тогашната влада ги добила за три месеци од двете фирми, но и по неколкуте обиди, пораки, телефони мејлови, до моментов одговор нема.
Во единствениот телефонски разговор за барање средба, Котевски само образложи дека тие како партија немаат коментар, со оглед на тоа дека договорите се на владата и дека Божиносвски ги потпишал како владин функционер, а не како член на партија.
Одговор, исто така, нема ниту за тоа дали свесно или случајно договорите со странските компании биле потпишани на денот кога во Македонија почна кампањата за предвремените парламентарни избори, а како што е познато и пропишано со Изборниот законик, во тој период Владата не смее да троши буџетски средства за себепромовирање
Котевски само образложи дека тие како партија немаат коментар, со оглед на тоа дека договорите се на владата и дека Божиновски ги потпишал како владин функционер, а не како член на партија.
Финансиски трансакции
Двете компании согласно договорот биле задолжени да поднесуваат месечен извештај до владата за сработеното, но такви извештаи, како што не информираа од Владата, досега не се пронајдени.
Во Прилогот 1 од договорите се наведува дека давателот на услуги, во овие случаи Меркјури и Флајшман ќе поднесуваат детален месечен извештај за специфичните преземени активности.
Во вториот член од договорите се наведува дека давателот на услугите, односно двете странски фирми, ќе бидат целосно исплатени во рок од 30 дена, откако ќе биде издадена фактурата. Пред клиентот, во случајов владата, да ја реализира исплатата, фактурата мора да биде одобрена од овластено лице кај клиентот, кое е задолжено за одобрување на извештајот (односно активностите наведени во извештајот и фактурирани на клиентот).
Договорот предвидува и примарно лице за контакт, кое владата требала да им го назначи на компаниите за непречено реализирање на договореното.
Во членот четири се наведува дека клиентот на давателот на услугите ќе му определи примарно лице за контакт за достава на извештаи и за наплата. Тоа е лице кое ќе ги одобрува фактурираните активности на давателот на услуги и ќе биде примарен контакт за исплати. Контактите, согласно договорот, треба да бидат наведени во Прилогот 3, меѓутоа таму не е наведено примарното лице, а како контакт е наведена воопштено владата на РМ. Нема ниту телефон, ниту електронска пошта за контакт.
Во Владата извештаи не се пронајдени. Тие или не се доставувани или пак, некако им се губи трагата, а парите за услугите се исплатени. Во секторот за финансии при Владата има документација која покажува на кој начин владата ги исплаќала парите за Меркјури и Флајшман.
Првата сума на Меркјури и е исплатена на 9 декември 2016 година во износ од 14.333,33 евра, втората на 27 декември 2016 година во износ од 43 илјади евра, третата на 10 март 2017 година во износ од 28.666 евра, а четвртата на 7.02 2017, кога биле исплатени 43 илјади евра.
Флајшман првиот износ го добил на 22 декември 2016 година – десет илјади евра, а следниот ден 23 декември 2016 година биле исплатени 30 илјади евра. Третата сума е исплатена на 7 февруари 2017 – 30 илјади евра, а четвртата на 7 март 2017 година 20 илјади евра.
Кои се странските фирми или кои се Меркјури и Флајшман?
ПРОДОЛЖУВА…
МИА Ана Цветковска