Владата најави директна финансиска помош за угостителските објекти

од Andreja Salpe
316 прегледи

На првиот ден од двонеделното затворање сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување, со цел превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19, од Владата вчера стигна најава за нови мерки за помош на овие економски оператори.

– Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет, најави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во објава на Фејсбук.

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека ќе има директна финансиска поддршка во вид на грантови за угостителските објекто кои се затворени по препорака на Комисијата за заразни болести.

Бектеши ги повика работниците да не потпишуват бланко спогодба за напуштање од работа, а работодавачите да не ги отпуштаат работниците, бидејќи ветената поддршка од државата ќе стигне.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски вчера оцени дека поради одредени субјекти кои тераат инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори, трпи целата угостителска дејност.

– Она што се случува од одредени субјекти поради кои трпи целата угосителска дејност, сметаме дека е терање инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори. Од Нова година до денес имаме преку 78 затворени објекти поради непочитување на протоколите, за работење преку работното време и за нерегистрирани даночни обврзници. За жал, и по една година се соочуваме со субјекти, претежно угостителски објекти, но и граѓани, кои дозволуваат да се направат пропусти кои ние ги санкцицонираме, истакна Пауновски на прес-конференција.

Согласно одлуката на Владата, чија цел е превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19, од вчера до 20 април ќе бидат затворени сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување.

Исклучок од оваа мерка се рестораните во рамки на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, но и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Согласно владината одлука, воведена е и забрана за посетители во сите обложувалници низ државата. Поточно, приемот на посетителите и работата на обложувалниците ќе биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт. Затворени се и фитнес салите, спортските и салите за вежбање.

Слични содржини