ДУИ е вчудоневидена од, како што велат, навредливиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ кој го потврдува флагрантното кршење на изразената изборна волја на албанскиот народ и другите етнички заедници со оглед дека, како што порачуваат, Европскиот фронт се покажа како втора политичка сила во земјава.
„Седумгодишниот антиалбански наратив наметнат од ВМРО-ДПМНЕ создаде искривена, неточна и опасна слика за нашата држава. За скандалозниот израз „Ахмети да престане да се однесува како размазено дете кое плаче по играчка која не е негова“, на ВМРО-ДПМНЕ треба да им биде јасно дека Владата не е играчка во нивни и ничии раце и прекршување на волјата е антидемократска и против Охридскиот рамковен договор.
Демократската унија за интеграција останува доследна на својот став за почитување на гласот на албанскиот народ и другите етнички заедници, бидејќи тоа е единствената гаранција за стабилност и прогресивен континуитет на земјата“, стои во партиското соопштение.
Ова следува откако вчера од партијата на Христијан Мицкоски реагираа на прес-конференцијата на Европскиот фронт и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту е важно што Ахмети имал чувство на навреденост, важно е што волјата на мнозинството е тоа да ДУИ да оди во опозиција и се соочи со одговорност“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016-та година каде победи ВМРО-ДПМНЕ, што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција“, реагираа и од ВЛЕН.