Владата барем засега не размислува за да му помогне на ЈСП Скопје во однос на ситуацијата со автобусите. Иако вчера дел од медиумите објавија дека Владата ќе му понуди на Советот на Град Скопје, по летните одмори, да се одобри набавка на користени автобуси од ЕУ за подновување на возниот парк, вчера од „Илинденска бр.2“ ги демантираа ваквите наводи.
-Досега не е разгледувана таква информација, ниту пристигнал таков предлог. Организирањето на градскиот превоз е во единствена надлежност на Градот Скопје, и градот треба максимално да се посвети на надминување на тековните проблеми, велат од Владата за „Локално“.
Се обративме и до претседавачаот со Советот на Град Скопје, Трајко Славески. Порача дека засега нема информација околу таква евентуална понуда.
Сепак, Славески истакнува дека секоја помош за ЈСП Скопје е добредојдена.
-Веќе се исцрпени сите можности за поддршка на ЈСП од Буџетот на град Скопје за 2024 година, со оглед на тоа што со ребалансот на Буџетот што Советот го усвои на седницата одржана на 16 јули оваа година, за ЈСП се предвидени субвенции од дополнителни 2,5 милиони евра, ни рече претседателот на Градскиот совет.
Побаравме став од ЈСП Скопје во однос на ваквите тврдења, но засега не добивме одговор од претпријатието.
Дека состојбата во ЈСП веќе подолго време не е идилична, сведочат и неодамнешните настани кога автобус заврши во бетонска жардиниера откако му закочи воланот на возачот. За време на минатиот викенд, автобус се запали под Железничка, а возачот заврши на Клиниката за Токсикологија откако вдишал чад.
За лошата состојба во ЈСП и старите и дотраени возила, информираше и првиот човек на јавното претрпријатие, Драги Кушовски. Смета дека нема потреба да се крие.
-Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле адаптирани на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси, рече меѓу другото Кушовски кога се обраќаше во Советот на Град Скопје.
Околу ситуацијата со клима-уредите во автобусите, според него, денешната состојба е дека не работат уредите на 27 превозни средства. Кушовски беше дециден дека потребни се напори за набавка на нови автобуси.
На прашањето зошто претпријатието е во ваква состојба кога добива големи субвенции, Кушовски одговори дека се зголемени трошоците за превоз, а цената за превоз и натаму е иста.
Минатата недела, „Локално“ објави дека се подготвува промена на валидаторите во сите автобуси на ЈСП Скопје, односно нов систем за наплата на карти. Од наши извори дознавме дека фирма од Бугарија е предвидено да биде новиот снабдувач и се шпекулираше дека тендерот ќе биде во висина од 2,5 милиони евра.
Како и денес, така и тогаш нашата редакција испрати прашања до Град Скопје, под чија надлежност е ЈСП, со цел да ги потврдиме информациите, но, како и многу пати досега, од градската администрација не испратија никаков одговор.
Н.П.