Владата не водела преговори за центри за мигранти, тврди Муцунски

Муцунски објаснува дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук/МНР

За темата со мигрантите и пишувањата на британските медиуми, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски тврди дека Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Потенцира дека се градат партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина.

-И сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма. Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина, истакнува министерот, додавајќи дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста.

Според Муцунски, тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните – а не сценарија измислени за дневнополитички потреби.

-Темата за наводно прифаќање мигранти претставува класичен дневнополитички обид за дефокус – последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која СДСМ е заглавен подолг период. Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми, стои во објавата на Муцунски.