Владата повикува на разум и доверба во институциите по најавите за протести во понеделник

од Nikola Popovski
299 прегледи

По најавите за протести и протестни маршови во понеделник 24-ти март и барањето одговорност за трагедијата во дискотеката Пулс која ги одзеде животите на 59 млади и невини луѓе, од Владата велат дека не можат и не сакаат да скратат ниту едно демократско изразување на мирни собири.

-Сепак, повикуваме на разум и доверба во институциите дека ревносно се справуваме со сите состојби и ќе продолжиме да се спротивставуваме, кажа портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција во Владата.

Во име на студентската автономија, Независното собрание на студентите на УКИМ ги повикува сите студенти на пленум во понеделник во 13 часот на платото на УКИМ, соопштија од оваа организација.

За понеделник иницијативата „Кој е следен“ исто преку социјалните мрежи најавува протести кои ќе се оддржат на плоштадот „Македонија“.

„До недела ќе молчиме. Но, од понеделник, тишината завршува. Од понеделник, се гледаме на улиците – гласни, бескомпромисни и обединети. За да нема заборав и да нема повеќе загубени животи поради небезбедност и неодговорност!”, велат од инцијативата.

Во текот на оваа недела, веќе се одржа еден мирен собир на плоштадот „Македонија“ каде што граѓаните ја искажаа својата тага, но и побараа одговорност.

Слични содржини