Владата повторно ќе му помогне на ЈСП Скопје доколку повторно остане без гориво – вака може да се сфати денешниот одговор на премиерот Христијан Мицкоски за проблемите со јавниот градски превоз. Според премиерот, доколку е потребно, повторно ќе се интервенира, но тоа не може да оди во недоглед. Остава шанса во наредните денови, сепак ЈСП да успее само да го реши проблемот.
-Да дадеме шанса и да видиме денес-утре да не има некоја повторна набавка да не се предомислат некои од економските оператори. Ако не, ние ќе мораме повторно како Влада да помогнеме, со одредена позајмица да интервенираме за Јавното сообраќајно претпријатие, но тогаш се поставува прашањето до кога вака. Навистина треба да се поведе сметка околку процесот на децентралзиација затоа што ако некој не може тоа да го прави, тогаш да интервенираме законски, барем да ги преземеме интегернциите и да ја стабилизараме состојбата, рече Мицкоски по прес-конференцијата во Владата.
Драматичноста на ситуацијата се продлабочува бидејќи сè уште е неизвесно што се случило со тендерот за набавка на нафта на ЈСП и дали воопшто автобусите ќе имаат можност да возат. Проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен во текот на вчерашниот ден откако автобусите на ЈСП престанаа да возат поради немање нафта. Низ скопските улици можеше да се забележат само оние автобуси што возат на метан.
Во јавниот превоз од понеделникот се вклучија и приватните превозници, но не сите, туку само оние кои имаат финансиска можност за тоа, бидејќи, како што велат, ЈСП има неплатен долг кон нив веќе неколку месеци. Во меѓувреме тие ја чекаат новата цена по изминат километар која треба да биде пресметана во следните две недели.