Владата предлага своја формула за повисоки плати во администрацијата

„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на ССМ и да се договорат со Владата во интерес на административните службеници“, рече Мицкоски

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на утрешната средба со УПОЗ и очекувањата од истата, изјави:

„Па очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7700-7800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат. Така што со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии што работодавач директен или индиректен е Владата“.

Мицкоски вели дека Владата има формула по која ќе се исплаќаат платите на вработените во администрацијата која инсистираат да биде конечна и ќе важи исто за сите административци.

„Од друга страна дел од раководството на ССМ се повикува на општиот колективен договор кој го има потпишано со претходната влада. Иако тој е истечен, во преодните и завршните одредби стои дека тој е во функција сè до моментот додека не биде потпишан нов колективен договор. Доколку ние ја примениме оваа формула, тогаш при исплатата на плати ќе се создаде какафонија бидејќи постојат неколку документи што ја дефинираат платата и што може да се толкуваат вака или така. Ние сакаме да имаме униформиран образец по којшто ќе се исплаќа платата за вработените во администрацијата“, кажа премиерот.

За самата формула како би се вршело пресметувањето, тој појасни дека начинот што го предлага Владата на крајот ќе значи повисоки плати за вработените во администрацијата и различно од простото следење на покачувањето на минималецот.

Мицкоски истакна дека кога зборувал за просечната плата од 31 илјади денари, зборувал за сума што во моментот била апликативна, за математички пресметката да биде полесна.

„Импровизирав со зголемување на минималните плати за 1.500 денари три години последователно. Сега без оваа понуда на Владата, на платата на административните службеници се додава зголемувањето на минималната плата. Ако админитративен службеник добива плата од 35 илјади денари, а овогодинешното зголемување е 1.500 денари, тогаш платата би била 36.500 денари. Моделот што ние го нудиме е тој збир на платата да биде зголемен за осум посто, тоа ќе даде дополнителни средства. Следната година во март да препоставиме повторно зголемувањето на минималната плата да биде 1.500 денари. Тоа ќе значи платата на административците да се зголеми повторно за осум проценти. Третата година, во март 2028 да претпоставиме дека повторно минималната плата ќе се зголеми за 1.500 денари. Тие средства трет пат по ред зголемени за осум проценти се минимум 40 проценти од почетните 30 илјади денари“, рече тој.