Владата предложи нови директори на М-НАВ, македонското небо останува отворено

од Nikola Popovski
398 прегледи

Хекуран Асани е нов предлог на Владата за претседател на Управниот одбор на давателот на воздухопловни услуги М – НАВ. Од Владата информираат дека ја смениле првичната одлука од денешната седница со која до надзорниот одбор на М-НАВ дадоа насоки нов претседател на УО да биде Илир Мехмеди затоа што не ги исполнувал условите за функцијата.

Со претходната одлука Владата му даде насоки на надзорниот одбор во Македонска навигација М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски. На местото на Стаменковски, според насоките од Владата, ќе биде именуван Милан Кораќ, раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника со 25 години искуство.

„Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухопловство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата. Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата“, стои во соопштението.

„Хекуран Асани е вработен во М-НАВ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање“, додадоа од Владата.

Милан Кораќ на позицијата извршен директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВ. Претходно, Кораќ 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството, велат од Владата.

Според владиното соопштение само директорот Хасим Деари ќе ја задржи својата функција финансиски директор, кој на оваа позиција е ставен пред осум месеци.

Засега македонското небо останува отворено. Од Синдикатот на Контролори за летање соопштија дека штрајк утре нема да има бидејќи Владата ги испочитува нивните барања. Од Синдикатот беа децидни дека доколку нема разрешувања од утре почнува штрајк со што ќе бидат оневозможени полетувања и слетувања од двата аеродроми во државата и ќе бидат дозволени само прелети.

„Штрајкот го ставаме во мирување додека надзорниот одбор не ја спроведе препораката на Владата и не ги именува новите членови “, изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикатот, кој вчера се сретна и со претседателот Стево Пендаровски.

Проблеми во М-НАВ има веќе подолго време, а произлегуваат од инсистирањето на раководството да се вработуваат нестручни и непотребни кадри, на што жестоко се спротивставуваат од Струковиот синдикат.

Всушност, платите се основниот мотив за вдомување партиски кадри во Македонска навигација. Ова исклучително важно акционерско друштво во државна сопственост функционира со 304 вработени, според последниот тримесечен извештај за работа, кој се однесува за периодот јули-септември 2023. Од нив, стотина се контролори на летови, а другите се помошен персонал.

Состојбата во Македонската навигација ескалираше на 4-ти јануари кога првиот синдикалец на прес-конференција, објави дека бил повикан на распит во полиција, откако против него кривична пријава поднел сега разрешениот директор Хамиди. Тасевски ова го протолкува како обид за притисок врз вработените, но и за зачувување на директорските позиции.

По неколку часа истиот ден, 8 члена група предводена од ексминистерот за економија и претседател на огранокот на ДУИ во Чаир Беким Незири, кој во М-НАВ е и советник на директорот, упаднаа во објектот и ги нападнаа контролорите на летање додека извршувале работни задачи. За време на нападот на македонското небо имало 28 авиони.

Слични содржини