Откако еден од тројцата пратеници на Беса, Кастриот Реџепи, не се појави во парламентот, со образложение дека Иницијативата за рушење на Владата не е во интерес на интеграциите на земјава, обидот на ВМРО-ДПМНЕ, ААА, Левица и Беса заврши со неуспех.
Пратениците се броеја и пребројуваа, но никако не успеаја да стигнат до прагот од 61 пратеник, особено откако собранискиот спикер Талат Џафери ја напушти седницата и му го препушти столчето на потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели од Беса
Иницијативата не само што не вроди со „паѓање“ на Владата, туку ги засили позициите на владејачкото мнозинство. СДСМ најави дека нивното мнозинство расте, а потврда за тоа се очекува в петок.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески на прес конференцијата во Собранието изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека ќе расте. На прашањето дали имаат 61 пратеник рече дека дека не само што имале туку дека парламентарното мнозинство ќе расте, но без да каже дополнителни детали.
„ Дозволете случувањата кои што ќе бидат во текот на утрешниот ден да ги добиете од оние кои што треба да ги соопштат, а јас секако како парламентарец и како координатор на пратеничката група во следниот период ќе излезам со сите нив заедно“, рече Митрески.
Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјавата пред Собранието на прашањето дали власта сега има мнозинство рече дека не би го чудело да направат „мнозинство и поголемо од ова“.
Тој ја обвини власта за притисоци врз пратеникот од Беса Кастриот Реџепи кој претходно го поддржа најавеното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ денеска не се појави во Собранието, со што не успеа обидот на опозицијата да собере 61 пратеник за да направи кворум и да почне седницата на доверба на владата. Пратениците од владејачкото мнозинство не влегоа во собраниската сала.
Иницијативата не ја повлекуваме
„Денес во Македоинија се погази демократијата и сите ќе одговараат за ова. Беше киднапиран пратеник, беа земани мобилни телефони од пратениците и беа затворани во простории во собранието. Бараме брзи предвремени избори во најбрз можен рок“, рече Александар Николовски, од ВМРО – ДПМНЕ.
На новнарско прашање дали ќе ја повлечат иницијативата за гласање (не)доверба на влада, Николовски рече дека не ја повлекуваат и дека сега сите ќе го напуштата собранието.
Николовски го критикуваше и претседателот Пендаровски кој не нашол за потребно да реагира во кава ситуација.
Останува неизвесно што ќе се случува до полноќ, кога истекува рокот за гласање, иако пратениците го напуштија Собранието.