Вчера на владината седница нема донесено заклучок дека се одземаат ингеренциите на Град Скопје за Универзална сала, туку дека се расправало во насока на отпочнување постапка, брифираат од Влада за „Локално“.
Како што се вели, „целата работа е што се закочени многу проекти“, меѓу кои е и Универзалната сала.
За денеска е најавена средба меѓу министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во просториите на Град Скопје, на разговор со градоначалничката Данела Арсовска.
-Имаше расправа како да се забрзаат закочените проекти. Не е исклучено одземање, но одлука за одземање на седница на Влада немаше. Како опција треба да се разгледа и тоа, брифираат од Влада.
Дел од медиумите денеска објавија дека Владата ќе му ги одземе ингеренциите за Универзална сала на Град Скопје и ќе ја продолжи реконструкцијата. Според пишувањата, на последната владина седница била донесена одлука Министерството за култура да почне постапка за преземање на концертната сала бидејќи градоначалничката Данела Арсовска не ја продолжува реконструкцијата почната од нејзиниот претходник Петре Шилегов.
Н.П.