Додека Албанија во новата 2019-та година им стави клуч на врата на 4.300 обложувалници и казина, во Македонија власта речиси една година води дебата за измени на Законот за игри на среќа. Премиерот Зоран Заев се согласува дека ситуацијата со коцкањето е алармантна. Примерот на албанските власти го наведува како радикална мерка, истакнувајќи го податокот дека во оваа дејност тука работат околу 6.000 граѓани.

Но што со оние квартови во Скопје, Тетово, Струмица, Куманово, Битола било каде, каде се колективни згради и живеат најмногу млади брачни парови, има најмногу деца и тоа оддалечено од училиштата, но овде под зградата е отворено казино. Дали тоа го решава проблемот? Така да ќе ги видиме сите ефекти и мерки и ќе носиме одлука, секако ќе има некаков вид на одлуки вака не можеме да останеме”- изјави Зоран Заев, премиер на Република Македонија.
Деталната анализа во овој сектор од 2015-та година, покажува дека сите коцкарници и обложувалници во Македонија имале приходи од 300 милиони евра, тоа се околу 10 отсто од буџетот на државата. Тоа значи дека во просек секој полнолетен жител годишно троши меѓу 150 и 200 евра за уплата на тикети и коцкање на апарати. Оваа сума секоја година се зголемува. За споредба, растот на приходите во 2015-та во споредба со 2014-та година изнесува 5 отсто. Оваа година таа бројка ќе биде двојно поголема, бидејќи игрите на среќа од 1 јануари наместо како досега со 10 проценти се оданочени со ставка од 15 насто. Иако жителите на Албанија лани потрошиле речиси двојно помалку отколку Македонците пред 4 години, тоа беше силна причина за албанскиот премиер Еди Рама да донесе одлука за „принудна смрт“ на овој бизнис. Со ова решение, казината кои до неодамна беа распространети насекаде, сега ќе бидат достапни само во хотелите со 5 ѕвезди кои се наоѓаат надвор од урбаните подрачја. Засега, остануваат на ниво на шпекулации информациите дека по затворањето, бизнисот со казината ќе се сели во Македонија и Косово.