Владата стопира исплата на над 252 милиони евра за „Бехтел и Енка“

од Nikola Popovski
269 прегледи

Укинат е заклучокот на претходната техничка Влада со кој се предизвикува фискални импликации за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар – Букојчани од дополнителни 252.699.474 евра, кои не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи, информираат денеска од владината прес-служба. Ваква одлука е донесена на вчерашната шеста владина седница.

Од Владата појаснуваат дека овој заклучок бил усвоен на 13-ти јуни оваа година, повеќе од еден месец после изборите и на неколку дена пред донесување на одлуката за избор на нова Влада, како и економската неисплатливост за реализација на истиот. Најавено е дека за истиот заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство.

Министерката на финансии, Гордана Димитриеска Кочоска денеска рече дека во период на техничка влада не може да се носат одлуки за зголемување средства.

-Клучно е дека во период на техничка влада не може да носат такви одлуки, за зголемување средства. За проект што се уште нема траса е кажано дека требало да поминува низ некој дел кој дополнително ги зголемувал трошоците, имало некаква пештера, требало да се избегне, а трасата не ја знаеме која е. Верувам дека министерот за транспорт ќе сподели подетални информации, не би сакала да завлегувам повеќе во тој дел, истакна Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Поради горкото искуство со градбата на претходните автопати, кои се градат со години и не им се гледа крајот, владата се одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“. За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. „Бехтел и Енка“ нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, пак, отвори предмет по допрен глас за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10Д. Обвинителството го анализира и првиот склучен, па поништен договор за надзорот, и вториот кој беше подоцна распишан.

Договорот со „Бехтел и Енка“ е класифициран како државна тајна. Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.

Слични содржини