Владата за софтверот: Нема прекршување на процедурите при набавката

од Nikola Popovski

Владата соопшти дека при набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес.

„Владата при набавка на авторски дела, како на пример набавка за изработка на софтверски решенија, секогаш има обврска да осигура дека добавувачот, заедно со предаденото авторско дело ги предава сите авторски или индустриски права на договорниот орган и во овој случај таа обврска е испочитувана во целост. Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки. Владата работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, без разлика за која набавка станува збор“, велат од Владата.

Од таму ги повикуваат надлежните институции, вклучително и ДКСК да ги извршат сите неопходни проверки вклучително и тоа дали при обезбедувањето на овој софтвер и на авторските права за овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес.

„Софтверот, изработен од „ФИНКИ“ и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „ИНВОКА ГРОУП“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила“, стои во соопштението на Владата.

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска отвори предмет за набавката на софтверот кој лани во февруари го купил Генералниот секретаријат на Владата, тогаш предводен од Драги Рашковски, а МВР не знае за набавката и не планира да ја користи.

„По изнесените информации во медиумите, на денешниот колегиум отворивме предмет сметајќи дека има доволно елементи за истражување за причините за набавката на тој софтвер од една страна и од друга страна зошто тој сѐ уште не е во употреба. И она што беше ризично од наш аспект беше несоодветната комуникација на институциите и отсуството на системски пристап за утврдување на потребите. Тоа беа основните елементи по кои ние постапивме и по сопствена иницијатива, а по допрен глас од медиумите отворивме предмет“, рече Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.

Слични содржини