Владата замолува за воздржаност од објавување на непроверени информации поврзани со кочанската трагедија

од Nikola Popovski
56 прегледи

Владата утрово соопшти дека во овие тешки и тажни моменти за сите македонски граѓани, и во знак на почит на загинатите жртви, повредените и нивните семејства, ги замолува медиумите да се воздржат од објавување на шпекулации и дезинформации, се со цел да не создаваме дополнителна болка и стрес на јавноста.

-Бројот на жртви во пожарот во Кочани е 59, за жал млади луѓе кои на трагичен начин ги изгубија своите животи. Но, одредени медиуми повикувајќи се на разноразни непроверени извори шпекулираат со бројот на починати и дополнително придонесуваат за вознемирување на јавноста. Во овие моменти на тага, Ве замолуваме сите да се однесуваме одговорно, ова е трагедија за цела држава и да сочувствуваме со болката на најблиските. Сѐ што има во интерес на истрагата, Владата, Министерството за внатрешни работи и сите други органи транспарентно и навремено преку прес-конференции и преку соопштенија известуваат за најновите информации. Никој нема да биде поштеден од одговорност, без разлика колкава и да биде вината на кој било инволвиран во овој случај, соодветно ќе одговара, порачаа од Владата.

Во нивното соопштение повторуваат дека ништо нема да биде скриено и стојат на располагање за дополнителни прашања од интерес на јавноста.

-Исто така, Владата донесе одлука за целосно покривање на трошоците за сместување и превоз на семејствата на повредените лица кои се лекуваат во странство. За побрза и поефикасна комуникација во таа насока е отворена и телефонска линија, а бројот е 070270370. Ова е најмалку што можеме да направиме во овие тешки и болни моменти. Воедно, информираме дека Владата и Министерството за надворешни работи и трговија се во постојана комуникација со семејствата на повредените кои во моментот се лекуваат во други земји, но и оние кои тековно се испраќаат, наведоа од „Илинденска бр.2“.

Слични содржини