Во земјава вчера рафтовите за леб по маркетите и продавниците останаа празни, откако пекарите го прекинаа производството на бел и полубел леб од 450 грама и повеќе. Велат дека не сакаат да работат со загуба.
Луѓето кои вчера пазареа велат дека во продавниците не нашле бел и полубел леб, а на рафтовите имало само специјални лебови.
Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб до крајот на мај од 450 грама на 33 денари и ја укина субвенционираната струја за компаниите што произведуваат основни прехранбени производи.
Овие одлуки на Владата следеа откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажаа дека дел од компаниите не ги намалиле цените на своите производи.
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека нема да дозволи неоправдано поскапување. Според министерот за економија, Крешник Бектеши, фирмите нема да бидат оштетени од фактот што ќе се замрзне цената на лебот.
Заменикот министер за финансии, Филип Николоски вчера во дебатна емисија рече дека од втората половина на денот леб имало во маркетите и дека во наредните три месеца ќе треба да се продава по цена од 33 денари.