
Политичките лидери во Македонија се постојано во фокусот на медиумите, а тоа повторно дојде до израз по неусловената препорака од ЕУ и посетата на европските челници на земјава. Премиерот Зоран Заев беше особено присутен во печатот во текот на изминатата недела, што го поставува прашањето колку е суштинска улогата на лидерите за тоа што ја чека Македонија во наредниов период. Според новинарот Александар Чомовски, земјава ја доживува третата клучна фаза од транзицискиот период, откако првата и втората ги обележаа концептот на Бранко Црвенковски за приватизацијата и груевизмот кој станува феномен на македонската и на европската политичка сцена.
-Се надевам дека Зоран Заев ќе ја процени ситуацијата на каков начин би требало да ја изведе третата конечна транзиција за ревитализација, пред се, на институциите. Како што стартуваше, имам одредена скепса дека храброста што го донесе на политичката сцена тешко дека уште долго време ќе му биде атрибут за владеење, смета новинарот Александар Чомовски.
-Партиите во Македонија се такви, политичкото милје е такво, структурите се такви, такви се капацитетите со коишто располагаме. Тој излегува од тоа милје, од таа ситуација. Што очекуваме повеќе од тоа во овој момент, изјави Героски.
Новинарот Васко Попетрески смета дека Заев го задржал стилот на градоначалник, со микроменаџирање, персонализирајќи го лидерството и врвот на владата во Македонија.
-Недостасува сериозно приоретизирање на средби, на прашања со коишто ќе се занимава премиерот. Го слушнав како од говорницата зборува за процесот на одгледување на марихуана во детали и мислам дека бидејќи се занимавате со многу детали во многу области, на крај зборувате и глупости, изјави Попетрески.
Тој смета дека премиерот мора да се ослободи и да се врати кон тоа што претходно го зборуваше, дека нема да работи 24/7 и дека ќе се обиде на постратешко, погенерално ниво да се занимава со столбовите на владините политики, а не на дневно ниво да прима луѓе со минорни проблеми.
извор: 1тв