Бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров смета дека за Бугарија е „неоспорен успех“ што нивната позиција во врска со приемот на Македонија во ЕУ стана и официјална позиција на целата ЕУ. Тој во дебатна емисија за бугарска емисија изјавил:
„Нашата земја е во поволна позиција. Затоа, верувам дека во моментов немаме потреба да водиме никакви разговори. Европската комисија е доволно јасна – РСМ мора да ги вклучи Бугарите во својот Устав како задолжителен чекор кон ЕУ. Значи, топката е во нивен двор“, додал тој за бугарска „Нова“.
Според него, премиерот Христијан Мицкоски нема да го направи овој чекор, поради, како што вели, односите со Србија и Унгарија. Владимиров тврди дека Србија нема да дозволи Македонија и Албанија да станат членки на ЕУ пред неа.
Владимиров го коментирал и случајот со бугарското знаме, кое ѝ беше подадено на српската пејачка Цеца Ражнатовиќ за време на концертот во Велес. Тој оценува дека таков случај е „сериозна провокација за Македонија што генерира уште поголема омраза, со која Србија ја постигнува својата цел“.