Владимиров: Во Македонија нема негативни ставови кон Бугарија

од Nikola Popovski
339 прегледи

Во македонското општество нема негативни ставови кон Бугарија, туку има одредено незадоволство во однос на ветото и долгото одложување на почетокот на преговорите во Северна Македонија со ЕУ, изјавил бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров од Бугарско-македонскиот бизнис клуб, пренесува „Btv novinite“.

„Во договорот потпишан во 2017 година стои дека двете земји делат заедничка историја, односно Македонија прифаќа и во договорот пишува дека споделуваме заедничка историја. После тоа, пак, Бугарија го наметна своето читање на историјата без никаков консензус постигнат во историската комисија и мислам дека дел од проблемите почнуваат оттаму“, додал Владимиров гостувајќи во една бугарска емисија.

Според него, Бугарија направила стратешка грешка, што не го префрлила историскиот спор внатре во македонското општество и тоа е проблемот.

„Другиот пропуст што лично мислам дека ни недостасуваше по успешното претседавање со ЕУ е кога Бугарија го бранеше проширувањето и го вративме на агендата на Европската Унија. Тогаш всушност имавме голем моментум, во македонското општество имаше исклучително позитивни ставови кон Бугарија и можеби тогаш беше моментот кога требаше да бараме помош од Европската комисија во однос на говор на омраза во дел од македонските медиуми. Има огромна разлика меѓу мислите и чувствата на обичниот граѓанин на Македонија и она што го гледаме во одредени медиуми, а најголем дел од овие медиуми се во сопственост на медиумскиот холдинг на господинот Орбан“, додаде Владимиров.

Според него, медиумскиот холдинг на Орбан е во сопственост на многу голем дел од медиумите во Северна Македонија и тоа се медиумите во кои најчесто може да се најде отворен или прикриен говор на омраза кон Бугарија.

„Ова е европска тема со која Бугарија може да се занимава со Европската комисија. Патот на секоја земја кон Европската унија има многу јасни критериуми и тоа се критериумите од Копенхаген – владеење на правото, демократски слободни медиуми и така натаму. Билатералните спорови се надвор од критериумите на Копенхаген и можеби ова е дел од причината зошто Бугарија останува делумно неразбрана, од страна на нејзините партнери во НАТО и Европската Унија и верувам дека напорите на актуелната влада да го префрли фокусот од историјата кон економијата се еден од ретките можни позитивни патеки напред“, вели Владимиров.

„Навистина, има исклучително интензивни контакти на владино ниво за да се решат проблемите што се наталожиле во текот на 30 години“, додаде тој.

Слични содржини