Владиниот авион е користен согласно прописите, немаме што да криеме – велат од „Илинденска бр.2“

„Загрижува фактот што истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш“, соопштија од Владата по реакциите во јавноста

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Алфа ТВ

„Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, согласно Правилникот за условите и начинот на користење на истиот. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба“, велат од Владата по објавувањето на податоците за тоа кои функционери најчесто го користеле владиниот авион од формирањето на владата на премиерот Христијан Мицкоски, во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година.

Според Владата, особено е симптоматично што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер.

-Јавноста добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани. Загрижува фактот што истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста.

Денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија. Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби.

Владата останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност. Секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола, и ние немаме што да криеме. За разлика од политиката на сензационализам и конструирани афери, наш приоритет остануваат конкретните резултати, заштитата на јавниот интерес и унапредувањето на меѓународната позиција на државата, стои во соопштението од „Илинденска бр.2“.

Според податоците што ги објави „Телма“ преку документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата од јуни 2024 до декември 2025 главната дестинација на државниот „лирџет“ била Будимпешта: до таму имало седум летови.

Министерот за транспорт, Александар Николоски е рекордер меѓу министрите. Податоците велат дека Николоски го корисетл авионот 11 пати. Од тоа шест пати бил во Будимпешта. Имало случај  кога владиниот авион бил упатен на сервис во германскиот град Нирнберг на 12 јануари лани. Оттаму бил упатен кон Будимпешта, го земал Николовски и се вратиле во Скопје.

Премиерот Мицкоски владиниот авион го користел три пати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа дека неколку денови Мицкоски ќе одмора во Хрватска. Поради овие податоци, денеска со обвинувања излегоа и од СДСМ.