Власта и опозицијата во судир околу бегството на Рамадани: ВМРО-ДПМНЕ бара смена на судијата Пајазити, СДСМ бара одговорност од МВР

од Илинка Илиоска
38 прегледи

Политичкиот судир околу бегството на Блерим Рамадани продолжува да се продлабочува. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повторно разменија обвинувања за тоа кој е одговорен за настанот.

ВМРО-ДПМНЕ, утрово повторно, побара итно разрешување на судијата Пајазит Пајазити, обвинувајќи го дека е „експонент на СДС и ДУИ во судството, кој го руши системот одвнатре“.

Според владејачката партија, Пајазити свесно му доделил куќен притвор на Блерим Рамадани, наместо затворски притвор, и со тоа му овозможил да избега.

„Очигледна е намерата на Пајазити да му даде можност на Блерим Рамадани да избега,“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, барајќи тој да биде итно разрешен.

Од друга страна, СДСМ ги отфрла обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги дека се обидуваат да ја префрлат одговорноста за бегството кон судството, додека го игнорираат уделот на Министерството за внатрешни работи.

„Со денови ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја пренасочи одговорноста за избеганиот Рамадани кон судството, без ништо да каже за одговорноста на МВР и Тошковски, кои беа задолжени да го обезбедат во куќен притвор,“ велат од СДСМ.

СДСМ исто така потсетува дека судијата Пајазити е избран за време на владеењето на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2013 година, што, според партијата, укажува дека одговорноста за неговиот избор лежи кај нив.

„Во најкус рок бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок без да биде соодветно обезбеден,“ истакнуваат од СДСМ, додавајќи дека улогата на МВР во бегството е клучна и „тоа многу брзо ќе се дознае“.

Слични содржини