Нови недоразбирања околу законот за попис. Пописот што треба да се спроведе следната година ќе чини осум и пол милиони евра и ќе биде за пет милиони евра помалку од пропаднатиот попис во 2011.
–Пописот ќе го има затоа што развојот на земјата нема да биде можен без резулатите од него. Затоа што на граѓаните, бизнисмените и институциите им требаат точни статистички податоци за нашето население, порача премиерот Зоран Заев.
Опозицијата тврди дека нема да го поддржи законот за попис, кој Владата го утврди како закон кој ќе се носи со европско знаменце
ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека власта се обидува да спроведе фалсификат попис.
„Зоран Заев исто како што организира талибански избори, сега сака да организира талибански попис. За таквиот талибански попис, Заев го злоупотребува европското знаменце за носење на закони, со што поисот, којшто не е закон за усогласување со европската пракса го турка по брза постапка во Собранието“, вели Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.
Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска отпорот на опозицијата ја покажувал нејзината неодговорност кон државата.
„Кога една партија неколку месеци пред пописот кој сите го чекаме 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари туку треба долг временски период, тоа практично ви покажува дека опозициската партија повторно не сака да има попис. И тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги руреше правилата на попис, потроши милиони евра и потоа рече „пу пу“ не важи“, изјави Радмила Шекеринска, Министер за одбрана.
Предлог законот е ставен на дневен ред на денешната собраниска седница.
Во новиот предлог, за разлика од претходниот, променети се датумите за одржување на пописот, односно истиот ќе се спроведе од 1 до 21 април 2021 година.
Исто така во новиот предлог се дефинираат и носителите на збирки на податоци кои ќе се користат при вкрстување на податоците, податок кој не беше наведен во претходниот закон.
Во новиот предлог се зголемува и бројот на пописни реони од 45 на 50.