Власта предлага комбиниран модел на собраниска седница, опозицијата противи

од Берта Китинска

По трите потврдени случаи на пратеници активни на вирусот Ковид-19, се интензивираа дебатите околу можноста за заседавање на Собранието преку онлајн апликации.

Институциите и во време на сериозните предизвици поради глобалната пандемија со коронавирусот, мора непречено да функционираат со целосен капацитет, во интерес на граѓаните. СДСМ како одговорна партија и како владејачко мнозинство во Собранието се залага за парламент кој ќе биде во можност да ги извршува своите функции и во вакви околности, влеат од владејачката партија.

СДСМ заради непречено функционирање на законодавниот дом во време на светска пандемија, вели дека е потребна промена на Деловникот за работа на Собранието, со цел воведување работа од далечина само на пратеници кои имаат решение за изолација.

-Ваквиот комбиниран модел значи дека само оние пратеници кои се заболени или кои се наоѓаат во изолација поради контакт со заболено лице, пристуствата на седниците на Собранието и на работните тела да можат да ги извршуваат онлајн. Во вакви тешки моменти и за нас и за светот, не смееме да оставиме држава без донесен ребаланс на Буџет, без донесен Буџет за 2021 години или други битни работи кои се од интерес на граѓаните, компаниите, економијата, институциите- велат од СДСМ.

Опозицијата се противи на тоа, велејќи дека не е етички пратениците да не одат во Собрание, а во исто време се бара градежниците, медицинскиот персонал да се на своето работно место.

Прашањето за онлајн работа на пратениците се актуелизира вчера откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека пратеничка од редовите на оваа партија е позитивна на Ковид-19. Таа била позитивна на вирусот пред повеќе од една недела, а две недели претходно не доаѓала на работа во Собранието.

Од друга страна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пренесувајќи го ставот на неговата пратеничка група, изјави дека од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации, бидејќи според него, постои јасна уставна норма во Членот 69, која налага присуство на собраниските седници на мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Слични содржини