Еден од поглавните проблеми со кои се справуваат лицата во домашна изолација е неможноста, поради забраната на напуштање на домот, да го исфрлат отпадот до најблискиот контејнер. Земено предвид дека овие лица две недели, а по потреба и подолго, не смеат да го напуштат домот, неизбежно е да се изнајде решение за овој проблем.
Хигиената во овие моменти на пандемија е од особена важност, па како лицата да ја одржат истата кога во нивниот дом се складира отпад од две недели или подолго?
Исто така, ова прашање се наметнува и за време на траењето на полицискиот час за време на викендите, особено за претстојниот продолжен викенд.
Во врска со ова упативме прашања до Град Скопје, од каде велат дека за време за полицискиот час е забрането изнесување на сметот и не треба истото да се одлага за време на полицискиот час.
Оттаму не дадоа одговор на прашањето за исфрлањето на отпадот од домот на лицата кои се во домашна изолација.
Семејството Кузмановски од Скопје беше во 14-дневна домашна изолација поради заболен член на семејството со Ковид-19. Тие наведуваат дека имале огромна среќа што имаат добри соседи и роднини кои го фрлале и нивното ѓубре, во спротивно нивниот балкон ќе изгледал како депонија и ќе бил извор на бактерии.
„Замислете на вашиот балкон да стои ѓубре, од пет члена на семејството, цели две недели. Замислете ја таа миризба, бактериите кои се шират. Бидејќи не смееме да го напуштиме домот балконот ни е единствено место каде можеме да излеземе на свеж воздух. Зарем тоа место да ни биде складиште за отпад од две недели? Страшно е и срамота. Ние имавме среќа што нашите соседи и роднини се луѓе, во секоја смисла на зборот, па покрај нивното го исфрлаа и нашето ѓубре. Бескрајно сме им благодарни. Но што е со оние лица кои немаат кој да им го фрли ѓубрето? Зарем две недели, па и подолго додека ги чекаат резултатите од тестирањето, треба да си го доуништат своето здравје со бактериите од ѓубрињата?“, вели член на семејството.
Семејството апелира да се изнајде начин како да се реши овој проблем за сите лица кои се наоѓаат во домашна изолација, особено за оние кои живеаат во стан, како што е случајот со ова семејство. Никој да не биде изоставен.
Во врска со оваа тема прашања упативме и до ЈП Комунална Хигиена Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, но оттаму не добивме одговор.
С.К.