„Јавноста е шокирана, но само Бајрам Реџепи не се засрами ниту се покае. Откако беше фатен на дело на состаноци со претставници на Левица, партија позната по своите анти-НАТО, антизападни и антиалбански ставови, кандидатот на ДУИ/НАИ се обиде да го негира скандалот со смешни изговори. Но, фотографиите зборуваат сами за себе, Бајрам Реџепи седеше со оние кои навредуваат сè што е албанско, само за да обезбеди неколку гласови за политички спас“, велат од ВЛЕН преку соопштение до јавноста.
„Наместо да се извини за овој јавен срам, Бајрам Реџепи дури и ги навреди жителите на Тетово, обвинувајќи ги дека ги „продале“ своите гласови. Во меѓувреме, портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, се појавува на телевизија и ги нарекува Тетово, Чаир и Дебар “маала“, додаваат од заедничката коалиција составена од неколку партии од албанскиот блок.
Според ВЛЕН, „ова е вистинското лице на „патриотот“ на ДУИ, кој посегнува по Левица за парче власт и ова е највалканата зделка што Тетово ја видело досега. „Патриот“ кој бара помош од Левица за да собори Албанец“.
ВЛЕН јавно прашува:
„Дали ова е „националната стратегија“ на ДУИ/НАИ да бараат спас од партијата што ги навредува Албанците и Косово? Со каков морал се појавува Бајрам Реџепи пред тетовчани, откако се ракува со антиалбанците на Апасиев? Каква зделка направи во замена за гласовите на Левица во Тетово?Тетово не е зделка, па затоа на 2 ноември тетовчани ќе зборуваат со јасен глас: ДА за Билал Касами“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Наводната фотографија за средба на претставник на коалицијата околу ДУИ и кандидатката на Левица за градоначалник на Тетово е невистинита и е ниска пропаганда – така кандидатот на НАИ, Бајрам Реџепи, ги оквалификува обвинувањата.
„Сакам да ја информирам јавноста дека фотографиите што кружат на социјалните мрежи, поврзани со една изборна средба, како и начинот на кој тие тенденциозно се толкуваат во некои медиуми, се целосно невистинити, злонамерни и со јасна пропагандна заднина“, вели Реџепи во писмената реакција.