„ДУИ повторно глуми дека ќе се „чисти“ од криминал, но вистината е сосема поинаква – тие што треба да „чистат“ се 20 години во врвот на политиката и бизнисите! И глумат дека нешто ќе чистат за тие самите да останат на врвот. Време е за вистински ветинг – време е да се отвори темата за Муса Џафери, еден од клучните луѓе на Али Ахмети, кој со години беше највлијателната фигура во сенка. Човекот што ги договараше сите најважни „зделки“, човекот што ги влечеше конците зад политичката сцена и најдобриот сојузник на Сашо Мијалков“, соопштија денеска од коалицијата ВРЕДИ.
Оттаму го прашуваат „до кога ќе ја лаже јавноста?“.
„Како е можно човек што беше десна рака на Ахмети и учествуваше во секој коруптивен проект да биде дел од наводното „прочистување“? Зошто неговите синови преку фирми блиски до власта добиваат милионски тендери? Како се отпишуваат долгови од милиони евра за фирмите блиски до Муса Џафери?“.
Како е возможно судовите во Америка да досудат корупција за давањето мито на високи функционери на ДУИ во Македонија, а судовите во Македонија да останат неми? До кога ќе дозволувате вашите функционери да се богатат на грбот на граѓаните, додека државата тоне во сиромаштија?“ прашуваат од коалицијата.
Според коалицијата составена од три партии „ДУИ веќе 20 години ја контролирала политичката и економската моќ на Албанците во Македонија“.
„Нивните луѓе од сенка како Муса Џафери никогаш не биле ставени на тест на правдата. Доста е! Ако навистина сакате ветинг, почнете од него! Ако не сте подготвени за тоа, тогаш вашето „прочистување“ е само уште една лага“, стои во партиското соопштение.
ДУИ пред неколку дена соопшти дека членовите на партиското раководство со потпишувањето на кодексот за добра практика и интегритет на ДУИ, прават значаен чекор кон зголемување на транспарентноста и интегритетот.
„ДУИ е посветена на градење исклучителен институционален и личен интегритет“, изјави претседателот на партијата, Али Ахмети.
„Нашиот пристап е сеопфатен и добро планиран, со фокус на поединци со силен интегритет кои ќе ја бранат антикорупциската агенда и ќе го движат процесот на ветинг“, додал тој.