ВЛЕН продолжува да ја обвинува ДУИ дека ја „стави Струга на продажба, здружувајќи се со Левица на Апасиев за да ја спречи победата на Менди Ќира“. Според владеачката коалиција, кандидатурата на Јована Мојсоска за градоначалник на Струга е срамна зделка, наместена за да се одржи во живот една скапана власт што стружани ја отфрлаат.
-Ова не е прв пат ДУИ да се ценка со Левица: од Скопје и Велес, до споменикот на Андон Лазов Ќосето во средината на главниот град, секој пат граѓаните ја платиле цената за овие валкани зделки.
Но, овој пат, Струга нема да стане жртва. На 19 октомври, стружани ќе го имаат последниот збор: Струга не е на продажба, Струга е ослободена. Со нивниот глас, ќе се затвори едно поглавје и ќе се отвори нова, чиста и чесна ера, со Менди Ќира, додаваат од ВЛЕН.
За исттата тема реагираше и Левица прашувајќи го ВМРО-ДПМНЕ кога ги избришал Тетово, Гостивар и Струга од мапата на Македонија.
-Премиер на држава, од “патриотската“ ДПМНЕ, како папагал повторува дека македонски кандидат не може да победи во Тетово, Гостивар и Струга. Премиере, кога ги избришавте овие градови од мапата на Македонија? Дали со ова им порачувате на Македонците од тие предели дека треба да се иселат, бидејќи според вас немаат никакви шанси?“, велат од Левица и додаваат:
-Македонија не е партиски или етнички пазар за размена на општини и функции. Тетово, Гостивар и Струга се исто толку Македонија колку и Скопје, Велес или Штип. Особено е скандалозно што токму ДПМНЕ, која се претставува како најпатриотска партија, отворено најавува поддршка за кандидатите на ВРЕДИ – луѓе кои јавно заговараат федерализација и претворање на Македонија во втора албанска држава. Со ова, Мицкоски испраќа јасна порака дека неговата борба за власт е далеку поважна од државните и националните интереси. Уште поскандалозно е што премиер на држава излегува и ги убедува Македонците дека самото кандидирање Македонци за градоначалници во Тетово, Гостивар и Струга било „антимакедонски чин“. Замислете, според Мицкоски, тоа што Левица единствена им понуди на граѓаните кандидати во овие општини е проблем.