ВЛЕН: Куќниот притвор не е олеснување, Груби ги знае сите излези и влезови на системот на ДУИ

„Додека Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен“, велат од владејачката коалиција

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук/Артан Груби

Лавина реакции по одлуката за домашен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој по 14-месеци бегство со распишана меѓународна потерница се врати во Македонија. Од ВЛЕН велат дека Груби не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години.

-Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот. Куќниот притвор не е олеснување. Тоа е знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите. Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника, порачуваат од здружената владејачка коалиција.

Според ВЛЕН, додека Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен.

-Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса”. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите, порачаа, меѓу другото, од коалицијата составена од повеќе партии од албанскиот блок.

Партии и активисти создаваат атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда, сметаат од Демократската унија за интеграција. Порачуваат, неприфатливо е правни процеси да се водат надвор од институционалната и правната рамка.

„Упатуваме јасен повик до судот, обвинителството и сите надлежни органи да не потпаѓаат под политички притисоци и да постапуваат исклучиво врз основа на закон и докази“-велат од ДУИ.

Институциите си ја завршија работата, го доведоа Груби пред лицето на правдата, став на ВМРО-ДПМНЕ. Очекуваат фер и праведна судска постапка против поранешниот прв вицепремиер. Од партијата велат дека го разбираат стравот и загриженоста кај СДСМ.

„Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.