ВЛЕН: Овој состав на Уставниот Суд се однесува како југословенска политичка елита

„Употребата на албанскиот јазик е основно човеково право кое е една од темелните вредности на Уставот“, порачуваат од ВЛЕН

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук/ВЛЕН

Како легалисти сакаме да ја почитуваме нормативната максима дека пресудите на Уставен Суд не се коментираат, особено од партиите, бидејќи тоа по автоматизам се толкува како политички притисок. Сепак, пред сè како луѓе, а после како партија не можеме да избегаме од впечатокот дека овој состав на Уставниот Суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца“, обвинуваат од коалицијата ВЛЕН.

Оттаму истакнуваат дека употребата на албанскиот јазик е основно човеково право кое е една од темелните вредности на Уставот. Според ВЛЕН, државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата на неговиот мајчин јазик да биде известуван, вклучително и за обврските кои си ги наметнал заради своето поведение.

-Ова важи и за системот „Сејф Сити”. ВЛЕН беше јасен и останува непоколеблив на ставот дека кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку овој систем, таа има обврска тоа да го прави и на албански јазик. Ова не е прашање на политичка волја, туку уставна обврска и почитување на едно темелно право. Токму затоа, ВЛЕН ќе го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема.

Фактот што денес сè уште се отвораат дилеми за прашања кои одамна требало да бидат затворени, е директна последица на неодговорноста и манипулациите на оние кои со децении владееја и лажно се фалеа дека ги затвориле сите крупни прашања за Албанците, додека во меѓувреме се богатеа на грбот на народот. За жал, тие ни оставија систем целосно еродиран на сите нивоа, кој сега мора трпеливо да го поправаме, стои во партиското соопштение.

Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи за уставноста на измените на Законот за прекршоци во делот на употребата на албанскиот јазик, поседувањето на интернет, важноста на целата територија на државата и заштитата на личните податоци. Мнозинството судии поддржаа дека не е нарушена уставноста на законот за прекршоци за системот „Безбеден град“.

На 26 јануари, предводникот на едното од неколкуте крила на Алијанса на Албанците, Зијадин Села укажа дека законските измени се во спротивност со Законот за употреба на јазиците бидејќи во нив не е предвидено пораките што ги испраќа „Безбеден град“ до граѓаните за сторен прекршок да се двојазични, односно се испраќаат само на македонски јазик. Дополнително, Села забележа и дека е несериозно казните да пристигнуваат преку порака бидејќи, според него, не постои законска обврска граѓаните да поседуваат мобилен телефон или електронска пошта.