ВЛЕН предлага уставни измени за да се спречи застарување на кривични дела сторени од функционери

од Nikola Popovski
753 прегледи

Дестабилизацијата на државата и ветингот на функционерите во фокусот на политичките партии. Во СДСМ кројат став за ветингот, а за дестабилизацијата велат, тоа е обид на премиерот Христијан Мицкоски да ги скрие катастрофалните политики.

ДУИ ги повикува партиите да престанат со ловот на вештерки и дефокусирање на јавноста и да се донесе закон за меѓународно мониториран ветинг од независноста до денес.

Од ВЛЕН веднаш одговорија дека „ДУИ имаше 22 години можност да се справи со корупцијата“. Предлагаат уставни измени кои ќе овозможат да нема застарување на кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери.

Како што информираше на денешната прес-конференција портпаролот на ВЛЕН, Фари Хисени, нивниот конкретен предлог е законите да можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања, со кои е причинета штетата на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист.

-Со овој амандман се дополнува членот 52 од Уставот на РСМ. Овој амандман ќе биде став 5 и ќе следи по став 4 кој предвидува дека „законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство освен во исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, појасни Хисени.

И додека во ВЛЕН, велат дека ДУИ нема поддршка и со наводите за дестабилизација прави обид за паника, во ВМРО-ДПМНЕ велат ДУИ се свесни дека ќе има одговорност, а протестите и обидите за дестабилизација им се подлога да можат да вадат членови на улица кога нивните корумпирани функционери ќе треба да одговараат пред институциите.

Слични содржини