Коалицијата ВЛЕН ги повикува правосудните органи да постапуваат само според законот, да бидат ослободени од политички влијанија и да испорачаат правда врз основа на доказите презентирани во правична и транспарентна постапка. Ваквата нивна реакција следува откако Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против браќата Дрин и Бесијан Ахмети, внуци на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од владеачката коалиција наведуваат дека законите мора да се применуваат подеднакво за сите, без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
-Враќањето на довербата во правниот систем не смее да се претвори во точки на дневната политика. Не не радува фактот што политичка партија како ДУИ се поврзува со сериозни сомнежи и индиции за бројни случаи на политичко-семејна корупција.
Овие погубни околности фрлаат дамка сите Албанци. Ваквите сомнежи се уште еден плус аргумент дека ДУИ треба што поскоро да се реформира и да почне да дејствува како конструктивна опозиција.
Наша обврска како ВЛЕН е да не дозволиме ова раководство на ДУИ, заглавено во минатото, да се обиде да ги направи Албанците штит за нивните корупциски скандали, стои во партиското соопштение.
Браќата Ахмети се обвинети за значителни финансиски малверзации поврзани со концесиите за ископ на варовник во Кичевско. Ова наводно резултирало со кусок од 27.000 евра во државниот буџет. Седум други лица, меѓу кои и вработени во Министерството за економија и Државниот инспекторат за техничка инспекција, се именувани поради неизвршување на бараниот надзор.
Според МВР, и Дрин Ахмеди и неговиот брат Бесиан, користејќи ги придобивките од концесијата која останала активна за цело време, биле во можност да бидат избрани како носители на договори за јавни набавки. Фирмата која ја воделе добила тендер од АД ЕСМ во висина од околу 125 000 евра со ДДВ и тендер во прилепски „Водовод и канализација“, во висина од околу 15 000 евра.