Кавга на Комисијата за политички систем предизвика барањето на Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески да даде појаснување на неговото вчерашно излагање на Јавната расправа за Јавното обвинителство, кога говорот му беше на кратко прекинат поради поставување на транспарент од страна на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски се јави процедурално на уште непочнатата седница, откако претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски рече дека по завршувањето на говорниците, ќе му даде збор на Јовески по негово барање.
„Ако се вклучуваат луѓе кои вчера зборувале, тогаш ќе треба да зборуваат и пратеници. Немојте да ја направиме политичка седницата, да не ја политизираме“, рече Мицевски.
Според него, доволна е Комисијата за да се донесат заклучоци за драфт верзијата на Законот за Јавно обвинителство, предложен од Министерството за правда.
Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска се јави исто така процедурално и посочи дека средбата на партиите била прекината токму поради барањето на ВМРО-ДПМНЕ да биде присутен токму Љубомир Јовески, а сега кога е тука, одбиваат да го слушаат.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски пак, кажа дека Јавната расправа не била во план.
„Еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ беше Јовески да присуствува на разговорите за Законот за ЈО, а вториот услов да има Јавна расправа. Прикладноста на расправата вчера е плод на преговори. За денеска има готов договор, затоа би предложил да не правите ништо надвор од догвореното“, рече Димовски.
Пратеничката Даниела Рангелова пак, посочи дека на Јавната расправа може секој да се јавува со интерен договор.
„Ако не се сложиме ние пратениците, врз основа на што ќе се донесе заклучок. Ова е прва јавна расправа на која учествувам, а во која се оди по договорени правила. Ако координаторите одлучуваат како се оди понатаму, тогаш што ние бараме тука“, рече Рангелова.
Мираковска се согласи со Рангелова, додавајќи дека ако не се дозволи Јавниот обвинител или министерката, која е предлагач да се дообјаснат, тоа не личи на Јавна расправата.
Став за расправијата даде и Нола Исмајлоска-Старова од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која истакна дека тие како пратеничка група побарале да има Јавна расправа и дека истата треба да продолжи достоинствено, како што се одвивала вчера.
А.Т.
Фото: Борче Поповски