Борбата против криминалот нема боја, раса или припадност. Иако за жал на СДС и ДУИ, има. И оваа тема ја делат на наша и ваша, Македонци и Албанци, велат од ВМРО-ДПМНЕ по синоќешната изјава на потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми пред полициската станица „Карпош“.
Според најголемата владеачка партија, ова е борба на народот против корумпираните кои создадоа чудовиште од системот што убива поради корупција.
-Нема осуда и оградување од партијата која стана лулка на криминалот. Но, тоа нема да ги спаси од одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Адеми синоќа изрази жалење поради тешката трегедија во дискотеката „Пулс“ во Карпош, но и упати низа критики кон властите поради повикувањето на неговиот сопартиец и екс-министер Крешник Бектеши на распит во станицата. Според Адеми, исчезнала човечноста кај авторитетите во државата и покажале политиканство и политички игри.
Според него, ДУИ поради почит кон жртвите бара целосна транспарентност и побара вистината да излезе на виделина. Тој апелираше до институциите и партиите „да се откажат од обидите за прикажување на ДУИ како виновна за се што се случува, се случило или ќе се случува“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера на прес-конференција потврди дека Бектеши е на распит.