ВМРО-ДПМНЕ до Груби: Нема да има уставни измени на мала врата, повеќе не важи правилото за коалицирање победник со победник

од Nikola Popovski
215 прегледи

На шверцерски начин, на мала врата уставни измени, без мандат од граѓаните нема да има. А за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе го реши ова прашање има само еден начин да се провери, а тоа е да има избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“ откако вчера вицепремиерот Артан Груби испрати понуда до најголемата опозициска партија да се гласа прво за уставните измени и веднаш потоа за распуштање на Собранието и закажување предвремени избори.

Од партијата сметаат дека „Артан Груби веројатно притиснат од низата скандали и сомнежи за криминал реагира импулсивно и се користи со лаги“.

-Додека дели совети што е добро а што лошо за македонскиот народ, добро е да се нотира дека Груби исто како и Ковачевски нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. И тука нивната позиција прво уставни измени, па избори значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур сапуница лагата дека само што тие не се изгласале.

За приказните на Груби дека едно се зборело пред јавноста, а друго пред амбасадорите добро е Груби пред да растура пердуви да каже кои се тие амбасадори и тие да кажат мислење и свој став за ова лажно тврдење на Груби, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, „за нив повеќе не важи правилото за коалицирање победник со победник“.

-Правилото победник со победник заврши оној момент откако Али Ахмети одлучи да направи влада со Зоран Заев. Тоа правило тука заврши и е веќе категорија која е во историјата на македонската политика. Никој нема ниту морално, ниту суштинско право да го поставува тоа барање. Ако во тоа го бара спасот ДУИ јасно кажуваме дека амнестија на криминал нема да има, и треба да се подготват за одговорност, ни појаснија од најголемата опозициска партија.

Груби вчера во дебатна емисија порача дека со неговата понуда ќе се сложат и премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според него, ова е компромис.

-Знам дека и премиерот Ковачевски, претседателот на СДСМ, ќе се сложи со ова, и господинот Ахмети исто така. Идеме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка уставни измени, втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум нека влезат нека гласаат, идеме на избори, изјави Груби, повикувајќи ги „да се охрабрат, да направат таква одлука и да излезат на избори“.

Н.П.

Слични содржини