„Венко Филипче не одбива само лидерска средба, Филипче одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по одбивањето на повикот на СДСМ да седне на иста маса со премиерот Христијан Мицкоски. Според партијата на власт, „Филипче покажа дека се добро во и за државата му смета“.
-Му сметаат реформите во правосудството, во безбедноста, слободата на изразување како и напредокот на државата. На денешниот, таканаречен, брифинг со новинарите Филипче потврди дека го интересира само неговата партиска фотелја во СДС која верно му ја чува на неговиот ментор и верен другар од лудите журки по Дубаи и Халкидики.
Го разбираме зошто е против реформите во правосудството и обвинителство. Затоа што до коска е исплашен од чистењето на кадрите бирани од Бихаќка кои го штитат од одговорност за криминалот од 20% провизија за модуларните болници, кој во Тетово го зема данокот од 14 живи изгорени луѓе за само две минути, порачуваат од партијата на Мицкоски.
На Филипче му пречи и, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, слободата на говорот на новинарите кои поставуваат легитимни прашања и бараат ставови и одговори за разни области, па така немајќи аргументи и одговори, новинарите, кои самиот ги викнал на брифинг, ги навредува дека шират пропаганда.
-Исто така, видовме дека на Филипче му сметал и системот Сејф сити, кој е систем којшто се подготвувал долги години и кој, во овој пробен период, покажа дека е многу ефикасен во гарантирањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, но и во утврдувањето на сторителите на сообраќајни прекршоци.
На Македонија не и треба ваква опозиција, која е против се само за да биде против. Време е Филипче да се надмине себеси, затоа што државата има потреба одговорни и сериозни политичари, стои во партиското соопштение.
Празниците донесоа нови бранувања на политичка сцена. По предлогот на премиерот Мицкоски за лидерска средба, засега само претседателот на СДСМ категорично ја одби поканата. Од Левица не рекоа конкретно дали би присусвувале на таква средба, иако порачаа дека се за укинување на Пржинската влада како модел. Се очекува одговорот од останатите партии.