ВМРО-ДПМНЕ: Филипче се забавува на скапи журки во странство и испраќа погрешна порака и слика

од Nikola Popovski
22 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ смета дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче е должен да даде одговори на јавноста за видеото со екс-премиерот Зоран Заев и српскиот пејач Харис Џиновиќ од луксузниот хотел Хилтон во Дубаи. Од најголемата владеачка партија го критикуваат претседателот и пратеник на СДСМ.

-Во време кога Македонија се соочува со сериозни економски и социјални предизвици поради владеењето на СДС во изминатите 7 години, а народот мака мачи како да преживее до 1-ви во месецот, Заев и Филипче покажуваат раскалаштено однесување и воопшто не се загрижени за народот и состојбите во државата. Во време кога рејтингот на Филипче е 5 % и тоне кон ниво на статистичка грешка, кога дури ни во сопствената СДС не знаат кој им е лидер, Филипче се забавува на скапи журки во странство и испраќа погрешна порака и слика во јавноста за приоритетите и вредностите кои треба да ги поседува лидер на партија, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „нема јака опозиција со вакви репрезенти“.

-Не сакам да коментирам работи од мојот приватен живот, кратко изјави вчера Филипче за видеото со забавата во Дубаи.

На социјалната мрежа Фејсбук се појави видео од Филипче и Заев како се забавуваат на забава на која пее српскиот пејач Харис Џиновиќ. Видеото е снимено минатата недела во Дубаи.

Двајцата се веселат на забава за која се верува дека е настапот на Ѓиновиќ во хотелот Хилтон во Дубаи на 25 и 26 октомври.

На снимката се гледа како актуелниот лидер на СДСМ седи во агол и со мобилниот телефон снима или фотографира дел од изведбата на пејачот, додека Заев е во непосредна близина на Џиновиќ.

Слични содржини