ВМРО-ДПМНЕ го нарече Филипче „доктор Менгеле“ и обвини дека има „грозоморна улога во разни случаи“

„Прес-конференцијата на Филипче е срамен обид да глуми чесен во ситуација кога цела држава знае дека има сериозни дамки од модуларната, па се до разни набавки во здравството“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

За прес-конференцијата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче и поднесената иницијатива за надзорна расправа и Анкетна комисија во Собранието за трагедијата во Кочани, ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека секој процес е отворен за јавноста и може да присуствува публика согласно Законите за транспарентност.

Според најголемата партија на власт, прес-конференцијата на Филипче е срамен обид да глуми чесен во ситуација кога цела држава знае дека има сериозни дамки од модуларната, па се до разни набавки во здравството.

-Цела држава знае, освен обвинителството. И еве го повикуваме обвинителството на Заев и Филипче да делува одговорно и да испита сѐ. Истовремено сметаме дека обврска и одговорност на судот е да има правда за случајот со Пулс, да не биде бескомпромисен и да ги повика на одговорност сите кои се огрешиле во било каква смисла, без разлика на политичка или етничка припадност, и да не води сметка на било какви политички пораки и притисоци каква што е и оваа алиби прес-конференција на докторот Менгеле, Филипче кој колку и да се обидува, не може да ја сокрие грозоморната улога во разни случаи, соопштија меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно лидерот на СДСМ нагласи дека судењето за трагедијата во Кочани е тест за целото општество и затоа мора да се води транспарентно. „Барам и очекувам процесот да се води отворено, транспарентно, пред очите на целата јавност“, рече Филипче.

Тој додаде дека родителите на жртвите заслужуваат да ја знаат вистината и правда мора да има. Tој посочи дека СДСМ не бега од ниту една расправа и ќе прифати дебата на било која тема.

„Не бегаме од ниту една расправа. Нека се закаже за било која трагедија, за било кој случај, ние сме тука да дебатираме на било која тема, од било кој формат“, кажа Филипче.

Анкетната комисија, како што рече Филипче, е барање и на родителите на жртвите во трагедијата во Кочани и од таа комисија се очекува да се слушне сечиј глас.