ВМРО-ДПМНЕ го споредува Ќосето со древниот град Палмира и со статуите на Буда од шестти век

од desk4

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема разлика помеѓу Мула Омар, талибанскиот лидер кој даде наредба за уривање на статуите на Буда, светско културно наследство, и вчерашната наредба на СДСМ да се урне споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето. Исто така, додаваат, нема разлика меѓу Ал Багдади, еден од лидерите на ИСИЛ кој даде наредба за уништување на древната Палмира и вчерашната наредба на СДСМ.

„Одговорот е јасен. Разлика нема! Ова се вандалски акт, целосно неприфатливи за 21 век. Разлика нема освен нијансата дека оние од СДСМ кои го нарачале, смислиле и реализирале овој срамен чин, кукавички се сокрија и го урнаа споменикот во раните утрински часови“, изјави Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ

Како што изјави Јовановски на денешната прес конференција, СДСМ со ова манифестира примитивизам и кукавичлук.

„Рушењето на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето е акт на длабока фрустрација и гнев кон сопствениот народ, кон сопствената историја и кон сопствената култура. Целта на рушењето не беше споменикот како предмет, кој е обележје на еден човек кој животот го посветил на Македонија. Целта е рушење на идејата за Македонија со сопствена историја. Рушењето на споменикот на Ќосето е континуитет на антинационалните политики на промената на историјата на државата, нула денари за македонскиот јазик, неуставниот закон за јазици или преминувањето на аеродромот и на автопатот“, изјави Јовановски.

Тој додаде дека СДСМ со ова испратила порака дека во Македонија се е менливо, дека нема историја, нема идентитетско обележје.

„СДСМ е подготвено да уништи и тоа што не се бара од нив. Но, граѓаните гледаат. Граѓаните паметат. СДСМ од ден во ден влегува во скандали, само за да ја прикрие својата неспособност. Штетата што СДСМ ја причини врз македонската држава во изминатиов период е непроценлива. Наместо инвестирање и проекти, граѓаните се сведоци на масовна деструкција. Ова не е одлика на партија која е свртена кон европска иднина и реформи во полза на граѓаните. Споменикот е легално поставен и затоа има документација“, рече Јовановски.

loading...

Слични содржини