ВМРО-ДПМНЕ излезе со свој став по вчерашната порака на лидерот на ДУИ, Али Ахмети при партискиот настан во општина Чаир. Оттаму тврдат дека ДУИ е во очај штом Ахмети се враќа 24 години наназад со тезите.
-Сега после 23 години власт му текна да зборува за 2001 година, конфликт чии бенефити и материјализирање најдобро го осетија 50тина луѓе од врвот на ДУИ, кои од овчари, земјоделци, механичари и слаткари (со сета почит кон чесните носители на овие професии), станаа шеици и тајкуни заради слабата држава и нивната перманентна закана и континуирана злоупотреба на етнички теми во ситуации кога треба да се зборува за реформи, иднина, подобар живот на граѓаните, и борба против корупција од која тие се преплашени.
ДУИ може колку сака да потсетува на 2001, сега сме 2025, и не само што не може да ја делат Македонија, туку може и да завршат во затвор за криминал и за тоа што ја разјадуваат Македонија и ги злоупотребуваат пред се своите гласачи, порачуваат од партијата на Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ исто така соопшти дека додека ДУИ е на власт, овие 24 години има егзодус на Албанците (и на Македонците и останатите, но во огромен процент на Албанците), „и има толку раселени Албанци од Македонија што Ахмети дури и да ја поделел во 2001, сега Македонија што ќе му останела ќе била иста и бетер како оваа целата, сиромашна, опљачкана и празна“.
-Ние се бориме за доброто на сите. И апелираме да не се дозволува да се инволвира јавноста во овие теми затоа што Ахмети ако не зборува за овие теми станува безначаен, празен и гол, при што лесно се гледа неговото вистинско корумпирано лице, и на неговите најблиски.
ДУИ без да се реформира освен со Филипче заради тоа што се исти и со исти вредности и одраз на еден ист ментален склоп, нема соговорник и публика кај никој друг во македонскиот блок, ниту пак некој ги сфаќа сериозно нивните потсетувања на конфликтот после 24 години нивно владеење во земјава од која остана пепел, сиромаштија и се произведоа тајкуни блиски до ДУИ и дел од ДУИ, посочуваат од најголемата владеачка партија.
ВМРО-ДПМНЕ на крајот во своето соопштение додава дека очигледно српското влијание во ДУИ е непобитно.
-Голем мерак имаат да бидат како оние српски скороевичи кои се збогатија на грбот на српскиот народ во време на Милошевиќ и ембарга и шверцови и рушење на државниот поредок и општа пљачка. Нашиве српски мафијаши од ДУИ се одраз во огледало на милошевиќевите криминалци, но огледалото во кое се огледуваат тие е од Али-експрес и затоа делуваат во една јавност со вкус и чувство со нормалност, трагикомично, стои во партиското соопштение.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, за време на вчерашниот говор во Чаир, зборувал за наводите што ги измислуваат, како што вели, дел од политичарите и нивните политики дека Албанците сакаат да ја поделат Македонија. Ахмети нагласил дека ако Албанците сакале да ја поделат Македонија, тоа ќе го направеле со петнаесет илјади вооружени војници.
Ахмети: Ако сакавме да ја поделиме Македонија, тоа ќе го сторевме во 2001 со 15.000 војници